ПРВ.мк
Црна Хроника

МОРНИЧАВ СЛУЧАЈ ЈА ВОЗНЕМИРИ ЈАВНОСТА: Тело на жена пронајдено заѕидано во куќа, се истражува повеќегодишна измама!

МОРНИЧАВ СЛУЧАЈ ЈА ВОЗНЕМИРИ ЈАВНОСТА: Тело на жена пронајдено заѕидано во куќа, се истражува повеќегодишна измама!

Австриската јавност е потресена од случајот во местото Минхендорф во Долна Австрија, каде што полицијата пронајде тело на постара жена заѕидано во семејна куќа.

Истрагата беше покрената откако роднини од Виена го пријавиле нејзиното исчезнување, а она што следувало се претвори во една од најмистериозните истраги во последните години.

Минатиот четврток, полицијата и пожарникарите насилно влегла во куќата во која жената живеела сама. Уште при првиот преглед било јасно дека таа не исчезнала неодамна, туку дека ја нема подолг временски период.

Пресвртот се случил кога кучињата трагачи по човечки остатоци реагирале кај еден ѕид во близина на влезот во подрумот. Истражителите потоа откриле заѕидан простор зад кој се наоѓало телото на жената во напредна фаза на распаѓање. Според австриските медиуми, станува збор за жена која за неколку дена би го прославила својот стоти роденден.

Австрискиот весник „Кронен Цајтунг“ (Kronen Zeitung) наведува дека засега нема докази кои би укажувале на насилна смрт, поради што истражителите тргнуваат од претпоставката дека жената починала од природна смрт. Сепак, клучните прашања остануваат без одговор – кој и зошто го сокрил телото зад ѕидот на куќата.

Истрага за пензијата и потрага по синот

По налог на обвинителството во Виена, одредена е обдукција која би требало да го расветли точното време и околностите на смртта. Паралелно со тоа, истражителите ги проверуваат сомнежите дека со години по нејзината смрт продолжила исплатата на нејзината пензија, што ја отвора можноста за финансиска измама.

Посебно внимание на полицијата и привлекол податокот дека жената долго време не се појавувала во јавноста, а притоа никој не го пријавил нејзиното исчезнување. Истражителите сега се обидуваат да го лоцираат нејзиниот син, кој наводно живее во странство и би можел да даде важни информации за настаните што претходеле на откритието.

Австриските власти засега не изнесуваат детали за можните осомничени, но потврдуваат дека истрагата е во полн ек и дека се проверуваат сите околности кои довеле до тоа телото на старицата со години да остане скриено во ѕидовите на семејната куќа.

Откритието предизвика шок меѓу жителите на Минхендорф, но и ширум Австрија, каде медиумите го опишуваат овој случај како една од најбизарните и највознемирувачките истраги во последните години.