ПРВ.мк
Црна Хроника

Црна точка во Скопје: Повторно повредени пешаци на истиот премин!

Црна точка во Скопје: Повторно повредени пешаци на истиот премин!

Нова сообраќајна несреќа е регистрирана кај Бит Пазар, на локација која подолг период се смета за една од најризичните за пешаците во Скопје.

Според првичните информации, автомобил удрил во маж и жена додека го преминувале коловозот. Повредените веднаш добиле медицинска помош, а првичните податоци укажуваат дека нивните повреди не се животозагрозувачки.

На местото на настанот пристигнале екипи на Итната медицинска помош и полициски службеници, кои извршиле увид и започнале со утврдување на околностите под кои дошло до несреќата.

Инцидентот повторно го отвори прашањето за безбедноста на пешаците на овој дел од сообраќајницата. Граѓаните веќе подолго време бараат поставување официјален пешачки премин и семафорска сигнализација, сметајќи дека тоа би помогнало во намалување на ризикот од нови незгоди.

Само пред неколку дена беше направен обид за ограничување на преминувањето на оваа локација преку поставување заштитни огради. Сепак, по реакциите на локалното население и организираните протести, активностите беа запрени, а поставените бариери беа отстранети.

Жителите велат дека добиле уверувања оти ќе се разгледува можноста за трајно решавање на проблемот, додека градските власти најавија анализа на потенцијалните решенија.

Во изминатите години на ова место се случиле бројни сообраќајни несреќи, а дел од нив завршиле и со најтешки последици, поради што граѓаните повторно апелираат за побрза реакција на институциите.