ПРВ.мк
Наука/Технологија

НОВА ЕРА ВО МЕДИЦИНАТА? Првата вакцина создадена со помош на вештачка интелигенција ги помина првите тестови кај луѓе!

НОВА ЕРА ВО МЕДИЦИНАТА? Првата вакцина создадена со помош на вештачка интелигенција ги помина првите тестови кај луѓе!

Научници од Универзитетот во Кембриџ развија сосема нов тип вакцина, чија најважна компонента е целосно дизајнирана со помош на вештачка интелигенција, а за првпат веќе е тестирана и кај луѓе.

Целта на вакцината е да обезбеди заштита од цело семејство коронавируси, вклучително и различни варијанти на Ковид, но и вируси кои можат да преминат од животни на луѓе, со што научниците се надеваат дека би можеле подобро да се подготват за идни пандемии.

Истражувачкиот тим анализирал генетски податоци од различни коронавируси, по што користел вештачка интелигенција за создавање т.н. супер-антиген. Неговата задача е да го обучи имунолошкиот систем да препознава поширока група вируси, дури и кога тие мутираат и се менуваат со текот на времето.

Првичните клинички тестирања биле спроведени на 39 испитаници и покажале дека вакцината е безбедна за употреба. Следната фаза ќе опфати околу 200 лица, а токму овие резултати треба да дадат појасна слика за тоа колку навистина ефикасно функционира новиот пристап.

Професорот Џонатан Хини оцени дека станува збор за значајна промена во начинот на кој светот може да се подготвува за идни здравствени закани, додека други експерти посочуваат дека технологијата има голем потенцијал, но дека ќе бидат потребни дополнителни испитувања.

Истражувачите веќе работат и на развој на слични универзални вакцини за сезонски грип, птичји грип H5N1 и вирусни хеморагични трески, меѓу кои и одредени видови на ебола за кои и натаму нема доволно ефикасна заштита.

Според научниците, употребата на вештачка интелигенција во медицината може значително да го забрза создавањето нови вакцини и да помогне побрзо да се одговори на идни глобални здравствени предизвици.