Македонски државјанин е уапсен во Србија поради сомнение дека учествувал во тешка сообраќајна несреќа во која сериозно е повреден возач на возило на Итната медицинска помош од Врање.
Според информациите од српските медиуми, несреќата се случила додека амбулантното возило превезувало дете кон Универзитетскиот клинички центар во Ниш.
Во судирот тешко бил повреден возачот на Брзата помош, роден во 1985 година. Тој првично бил згрижен во Општата болница во Лесковац, а потоа префрлен на Клиниката за анестезија при Универзитетскиот клинички центар во Ниш.
Според последните информации, повредениот е во стабилна состојба, но е приклучен на апарати за вештачко дишење и останува под интензивен лекарски надзор.
Осомничениот македонски државјанин денеска бил приведен, а српската полиција му одредила задржување до 48 часа, по што ќе биде спроведен пред надлежното обвинителство.
Истрагата за околностите под кои дошло до несреќата е во тек, а надлежните институции треба да утврдат како се случил судирот и дали постои кривична одговорност.







