Вчера околу 22:50 часот во Скопје, на сервисната улица од ул. „Матеја Матевски“, се случила несекојдневна сообраќајна несреќа во која учествувало луксузно возило БМВ со скопски регистарски ознаки. Според информациите на СВР Скопје, возилото го управувал 22-годишниот М.А.А. од Република Турција, кој има привремен престој во Скопје.
Младиот возач изгубил контрола и со голема брзина удрил во неколку контејнери, а потоа и во паркиран автомобил марка „Алфа Ромео“ со демиркаписки регистарски таблички. Наместо да остане на местото и да ја почека полицијата, тој веднаш побегнал.
По брза реакција и преземени мерки од полициските службеници, М.А.А. бил лоциран и приведен во краток рок.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на случајот против возачот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
















