Едно лице го загуби животот во инцидент со огнено оружје што денеска се случил во селото Стреоц, во близина на Дечани, потврди косовската полиција.
Според првичните информации од истрагата, трагедијата се случила во дворот на семејна куќа, а постојат сомневања дека станува збор за ненамерно пукање меѓу членови на истото семејство.
Портпаролот на полицијата за регионот Пеќ, Дритон Ругова, изјавил дека пријавата за случајот била примена во 13:42 часот. Веднаш по добиената информација, полициски екипи биле испратени на местото на настанот.
Според полицијата, жртвата била пронајдена без знаци на живот во дворот, а во текот на увидот било запленето едно огнено оружје кое ќе биде предмет на понатамошно вештачење.
На местото пристигнал и дежурен обвинител од Основното обвинителство во Пеќ, кој заедно со истражните тимови ги презема сите потребни мерки за утврдување на околностите под кои се случил инцидентот.
Од обвинителството засега не соопштуваат дополнителни информации, наведувајќи дека истрагата е во тек и дека повеќе детали ќе бидат објавени по нејзиното завршување.









