Основното јавно обвинителство во Куманово поднесе обвинителен акт против 25-годишен жител на Старо Нагоричане, кој се товари за четири кривични дела убиство и два обиди за убиство. Според обвинителството, делата биле извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година на подрачјето на општина Старо Нагоричане.
Обвинителството наведува дека осомничениот со умисла лишил од живот четири жени, додека во два наврати се обидел да изврши убиство, но не успеал да ја доврши намерата. Согласно Кривичниот законик, за ваквите дела му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Во текот на истрагата биле извршени повеќе вештачења, по кои обвинителството тврди дека осомничениот делувал од ниски побуди. Според обвинението, жртвите биле жени кои најчесто живееле сами, а нападите се случувале во нивните домови, претежно во вечерните или ноќните часови.
Во два од случаите, потенцијалните жртви успеале да се спасат. Во едниот случај жената повикала по својот син, по што осомничениот избегал, додека во другиот се повлекол откако слушнал звук што го исплашил.
Покрај обвинителниот акт, јавниот обвинител до Основниот суд во Куманово доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот, кој останува во притвор до понатамошната судска постапка. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува најтешката казна предвидена со македонското законодавство.








