До 18:00 часот денеска, на територијата на Македонија биле регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор, покажуваат најновите информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК). Надлежните служби и натаму се на терен, а дел од пожарите сè уште се активни.
Според последниот биланс, пет пожари и понатаму горат, еден е ставен под контрола, додека седум се целосно изгаснати благодарение на брзата интервенција на противпожарните екипи и другите надлежни служби.
Најголем број од активните пожари се на подрачјето на Куманово. Во населбата Баново Трло гори ѓубре, а на улицата „Ѓуро Пучар – Стари“ огнот зафатил ниска вегетација. Активен пожар има и во скопската населба Сингелиќ, каде што гори ниска вегетација и отпад, како и во селото Горно Лисиче во Општина Аеродром. Петтиот активен пожар е регистриран во селото Градошорци, во Општина Василево, каде што исто така е зафатена ниска вегетација.
Под контрола е ставен пожарот на депонијата во селото Железница, Општина Кратово, додека целосно се изгаснати пожарите во Арачиново, Струмица, на две локации во Гевгелија, на две локации во Велес и во селото Нараште, Општина Теарце.
Од Центарот за управување со кризи повторно апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни при престој на отворено, да не палат оган и веднаш да пријават доколку забележат пожар. Високите температури и сувото време значително го зголемуваат ризикот од брзо ширење на огнените стихии.








