ПРВ.мк
Црна Хроника

Судот донесе одлука: 27-годишникот што ја уби мајка си нема да оди во затвор

Судот донесе одлука: 27-годишникот што ја уби мајка си нема да оди во затвор

Основниот суд во Кавадарци му изрече мерка задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа на 27-годишниот жител на Росоман, обвинет за убиството на својата 54-годишна мајка, извршено на крајот на март годинава.

Според судската одлука, донесена врз основа на психијатриско вештачење, обвинетиот во моментот на извршувањето на делото бил непресметлив, односно не бил способен да го сфати значењето на своите постапки ниту да управува со нив. Поради тоа, наместо затворска казна, му е определена мерка на задолжително лекување во специјализирана здравствена установа.

По донесувањето на одлуката, тој бил сместен во Психијатриската болница „Негорци“, каде ќе остане на лекување и под надзор согласно законските процедури.

Според обвинението, трагичниот настан се случил на 30 март во семејниот дом во Росоман. Обвинетиот, додека неговата мајка спиела, ја нападнал со кујнски нож и ѝ нанел повеќе убодни рани, од кои таа починала на местото.

По настанот, самиот се пријавил во полиција и го признал делото. Истрагата покажала дека и претходно имало пријави за негово агресивно однесување, а во 2023 година веќе бил хоспитализиран во психијатриската болница во Негорци по интервенција на полицијата.

Мерката за задолжително психијатриско лекување ќе трае во согласност со проценките на надлежните здравствени институции и условите предвидени со закон.