Триесет и двегодишен жител на Кавадарци е уапсен под сомнение дека измамил 50-годишна жена од Куманово за вкупно 9.000 евра, ветувајќи ѝ дека ќе посредува за добивање странски пасош.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, полициски службеници од ОВР Кавадарци, во соработка со СВР Куманово, го лишиле од слобода осомничениот на Градскиот плоштад во Кавадарци.
Според пријавата, тој најпрво побарал 400 евра за посредување при добивање странски пасош, а потоа продолжил да бара дополнителни пари. За краток период, оштетената му предала вкупно 9.000 евра, додека тој и понатаму барал нови суми.
По претходно преземени мерки, полицијата организирала акција, при што кај осомничениот биле пронајдени 2.000 евра што ги примил од жената. Парите претходно биле криминалистичко-технички обработени од полициските службеници.
Осомничениот бил задржан во полициска станица, а потоа изведен пред јавен обвинител, каде, според МВР, го признал делото.
По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „измама“.






