ПРВ.мк
Црна Хроника

ИНЦИДЕНТ КАЈ ПРИЛЕП – Сопственик на штала нападнал пожарникари кои дошле да го гасат пожарот

ИНЦИДЕНТ КАЈ ПРИЛЕП – Сопственик на штала нападнал пожарникари кои дошле да го гасат пожарот

Двајца пожарникари биле нападнати додека интервенирале на пожар во штала со поголемо количество тутун во близина на Прилеп, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Според неговите информации, сопственикот на објектот со туркање во пределот на градите ги спречувал пожарникарите да продолжат со гаснењето на огнот.

Инцидентот бил пријавен во полиција, која работи на целосно расчистување на случајот.

По настанот, Ангелов упати апел до граѓаните да покажат разбирање кон противпожарните служби, особено во периоди кога истовремено има повеќе активни пожари.

Тој посочи дека пожарникарите не можат секогаш веднаш да пристигнат на секоја локација, бидејќи екипите често се распоредени на повеќе интервенции во исто време.

„Пожарникарите не се супермени и не можат за минута да стигнат до местото што гори“, порача Ангелов.

Тој ги повика граѓаните да им помагаат на пожарникарите при интервенциите, наместо да им ја отежнуваат работата со закани, расправии или физички напади.