Групна физичка пресметка се случила во непосредна близина на полициската станица во Кочани, при што учествувале шест лица, а четворица од нив биле приведени.
Според информациите од МВР, инцидентот се случил на 15 август околу 19:15 часот на улицата „Тодосија Паунов“.
Полициски службеници од Полициската станица Кочани ги лишиле од слобода Ж.В. (22), Ј.В. (19) и М.В. (47), сите од Кочани, како и И.А. (46) од струмичкото село Баница.
Од полицијата информираат дека по претходна расправија било нарушено јавниот ред и мир, по што дошло до физичка пресметка во која учествувале вкупно шест лица.
По преземените мерки и документирањето на случајот, против приведените биле поднесени соодветни поднесоци.
Но, случајот не завршува тука. МВР ќе проверува и дали имало евентуални пропусти во постапувањето на полициските службеници, со оглед на тоа што тепачката се случила практично пред полициската станица.
За целосно утврдување на сите околности, во проверката ќе бидат вклучени Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, како и Одделот за униформирана полиција.
Надлежните треба да утврдат како дошло до пресметката во непосредна близина на полициската станица и дали при реакцијата на службениците имало пропусти.









