Во само едно деноноќие биле регистрирани пет случаи на семејно насилство низ државата, а две лица завршиле во полициска станица по пријави за физичко и психичко малтретирање на членови од семејството.
Во Градско, полицијата го привела 50-годишниот М.М., откако неговата невенчана партнерка пријавила дека подолг период трпела малтретирање, а пред неколку дена била и физички нападната во нивниот дом. По интервенцијата на полицијата, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во Кавадарци, 25-годишна жена пријавила дека со месеци била жртва на насилство од поранешниот сопруг. Според нејзината изјава, последниот инцидент се случил кога тој дошол во нејзиниот дом и по расправија физички ја нападнал.
Второ апсење било извршено во Скопје, каде 56-годишен маж бил лишен од слобода по пријава од сопругата. Таа навела дека со години била изложена на психичко и физичко насилство, заедно со нивните деца.
Полицијата постапувала и по уште два случаи на семејни конфликти. Во едниот, 46-годишен скопјанец пријавил дека бил нападнат од сопругата по расправија во семејниот дом, додека во вториот случај 37-годишна жена од Аеродром пријавила дека била физички нападната од својот сопруг.
Од МВР информираат дека се работи на целосно расчистување на сите случаи, по што ќе бидат преземени законски мерки против инволвираните лица.






