Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека земјата се соочува со најтешката ситуација со шумски пожари од Втората светска војна, при посетата на Центарот за противпожарни и спасувачки операции во Бордо, регионот најтешко погоден од огнената стихија.
„Ситуацијата е потешка од кога било од Втората светска војна“, изјави Макрон, нагласувајќи дека пожарите достигнале размери без преседан.
Според префектката на Жиронда, Софи Брока, станува збор за пожар каков што Франција досега не доживеала. Таа посочи дека огнот досега уништил 183 куќи, а главен приоритет на службите е спасувањето на човечки животи.
Дополнителна загриженост предизвикува појавата на таканаречени „ватрени облаци“ (пирокумулонимбуси) – редок феномен при кој пожарот создава сопствени ветрови и молњи, што доведува до појава на нови жаришта на големи растојанија.

Експертите предупредуваат дека ваквите пожари се меѓу најекстремните досега забележани во Европа, како по големината, така и по брзината на ширење.
Градоначалникот на Сести, Жером Стефе, изјави дека ова ќе биде „пожарот на векот“, откривајќи дека за само две ноќи биле евакуирани околу 17.000 жители. Во регионот Жиронда досега изгореле околу 42.000 хектари шума.
Во меѓувреме, густиот чад стигна и до Бордо, каде што квалитетот на воздухот е оценет како екстремно лош. Жителите масовно носат заштитни маски и пријавуваат потешкотии со дишењето, додека огнената линија се наоѓа на околу 11 километри од градот.







