Основното јавно обвинителство (ОЈО) во моментов проверува дали воопшто постојат елементи на кривично дело во случајот поврзан со Државна лотарија на Македонија, додека Финансиската полиција веќе речиси една година не ја завршува предистражната постапка. Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи сè уште не дава јасен одговор дали лицата осомничени за наводниот милионски криминал се достапни за органите на прогонот.
Според податоци од официјален ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија и информации објавени од Инфомакс, за само една година од Државната лотарија на Македонија наводно биле изнесени најмалку 3,5 милиони евра во готовина.
Ревизијата посочува штета од минимум 3,5 милиони евра само за 2024 година, во период кога со претпријатието раководел Перпарим Бајрами, а на позицијата раководител на сектор за финансии била Анета Настева. Според објавените информации, средствата секојдневно биле повлекувани во готовина од продажните места и интерно циркулирале во системот на Лотаријата.
Државната лотарија има десет сопствени продажни места, од кои дневниот промет требало редовно да се уплаќа во банка. Наместо тоа, според наводите, дел од готовината била внесувана во просториите на Лотаријата, но не била уплаќана, туку повторно била изнесувана од одредени лица со пристап до финансискиот систем.
Во исто време, се споменуваат и деловни соработници кои работеле во име на Лотаријата, како и можни неправилности при исплати на добивки, непотполна документација и отсуство на соодветни финансиски записи. Според тврдењата, дел од системот функционирал без доволна контрола, што овозможило создавање финансиски дупки и прикривање на прометот.
Информациите укажуваат и на можни дополнителни злоупотреби, вклучувајќи сомнежи за фиктивни трансакции, фалсификувани документи и насочување на средства преку повеќе сметки со цел прикривање на недостигот во касата.
Од ОЈО Скопје наведуваат дека во предистрагата се вршат проверки за утврдување дали постојат елементи на кривично дело, и дека во оваа фаза не се споделуваат детали за конкретни дејствија или евентуални повици на осомничени лица. Во одговорите се посочува дека досега не е утврден проблем во обезбедувањето на доказите.
Во јавноста се отвораат и прашања околу евентуална недостапност на дел од инволвираните лица, при што се спомнува и можноста за нивно заминување во странство, како и претходни случаи поврзани со поранешни функционери на Лотаријата против кои се воделе постапки.
Во меѓувреме, дел од наводите се поврзуваат и со можни финансиски трансфери кон медиуми и други субјекти, но без официјална потврда за ваквите тврдења.
Случајот останува отворен, додека институциите сè уште ја анализираат документацијата и утврдуваат дали навистина постојат кривични дела во работењето на државната Лотарија.








