Тримесечното бебе кое неодамна беше одземено од мајката по интервенција на минувачи, сега е згрижено во згрижувачко семејство, откако институциите проценија дека не може да биде вратено во матичната средина поради ризици по неговата безбедност и здравје.
Според евиденцијата на тетовскиот Центар за социјални работи, ова не е првпат на истата мајка да ѝ бидат одземени деца. Во 2024 година, две нејзини деца биле одземени поради сомнежи за сериозно занемарување од нејзина страна и од страна на вонбрачниот партнер со кој живее во населбата Сараќино.
Во тој период, Центарот добил пријава од мештани кои алармирале дека децата биле оставени на улица, повредени и без соодветна облека. По извршените проверки и медицински прегледи, било утврдено дека постоел висок ризик по нивната безбедност, по што стручните служби донеле одлука децата да бидат сместени во згрижувачко семејство, каде што им е обезбедена нега и заштита.
Од Центарот за социјални работи информираат дека едното дете било машко, на возраст од околу една година, додека другото било девојче старо околу еден месец. При интервенцијата било забележано дека едното дете имало и видливи повреди, што дополнително ја засилило загриженоста кај стручните лица.
Дополнително, институциите посочуваат дека мајката формално е во брак со лице кое се наоѓа во затвор и со кое не живее повеќе од една година.
Во посебен инцидент, на 14 јуни, тримесечното бебе било одземено од мајката откако минувачи реагирале и интервенирале за да го заштитат од наводно насилство. Детето потоа било хоспитализирано и останало на болничко лекување повеќе од една недела, по што е донесена одлука за негово згрижување.
Институциите продолжуваат со постапките за утврдување на сите околности во случајот и за обезбедување на најдобар интерес за детето.








