Украинските одбранбени сили извршиле удар врз патен мост во близина на селото Роздолне, при што е прекината една од најважните руски рути за снабдување на окупираниот Крим, пренесуваат украински медиуми.
Според објавените информации, при уривањето на конструкцијата, дел од мостот паднал директно врз железничката пруга што се наоѓа под него. Ова довело до целосен прекин на железничкиот сообраќај на единствената линија која ја поврзува руската Краснодарска област со централниот и западниот дел на Крим.
Украинскиот медиум „United Media“, повикувајќи се на Телеграм каналот „Кримски ветер“, наведува дека нападот се случил во ноќта меѓу 18 и 19 јуни. Истовремено бил погоден и блискиот железнички мост над Севернокримскиот канал.
Неколку дена по првичниот напад, следувале дополнителни удари, при што железничката инфраструктура претрпела нови оштетувања, а сообраќајот на таа делница бил целосно запрен.
Според истите извори, руските служби се обиделе да извршат санација и на терен биле испратени специјални возови и механизација. Сепак, украински беспилотни летала повторно ја погодиле локацијата, при што била уништена дел од опремата за поправка.
Поради настанатите оштетувања, железничката врска кон Симферопол и Севастопол е прекината. Овие градови се сметаат за клучни логистички точки кои Русија ги користи за транспорт на воена опрема и снабдување.
Руските окупациски власти соопштиле дека возовите засега ќе сообраќаат само до станицата Керч-Јужна – Нов парк, додека не заврши санацијата на оштетената инфраструктура.








