Неколку државни службеници во Франција биле отпуштени од работа откако биле позитивни на тестови за дрога, спроведени во рамки на новата програма за безбедносен скрининг на државната администрација.
Францускиот премиер Себастијан Лекорну изјави дека мерката не е воведена само за да испрати порака, туку пред сè од безбедносни причини, бидејќи дел од тестираните лица имале пристап до доверливи и чувствителни информации.
Тестирањето започнало во средината на јуни и опфатило членови на владата, високи државни службеници и други функционери кои работат на позиции што бараат безбедносни проверки. На институциите им било наложено да утврдат соодветни санкции, меѓу кои дисциплински постапки и откази.
Лекорну нагласил дека целта е да се зајакне довербата на граѓаните во институциите и да се испрати јасна порака во борбата против трговијата и употребата на дрога.
Според него, трговијата со дрога претставува еден од најголемите внатрешни безбедносни предизвици за Франција, а проблемот ги засега сите слоеви на општеството, вклучително и јавните функционери.
Премиерот најави дека програмата ќе продолжи и во иднина со случајни тестирања на државни службеници. Француските медиуми претходно објавија дека тестирања биле извршени и во официјалната резиденција на премиерот, при што тој и неговите најблиски соработници биле негативни на тестовите за дрога.









