На Клиниката за инфективни болести во Скопје починал 72-годишен маж со западнонилска треска, што е втор смртен случај поврзан со вирусот во период од една недела.
Според објавените информации, кај пациентот била утврдена и клиничка слика на менингитис.
Во моментов на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 24 пациенти, а неколкумина од нив се на механичка вентилација.
Пред неколку дена почина и 83-годишен маж од Скопје, кај кого инфекцијата била потврдена со серолошко испитување на ликворот. Кај него биле присутни треска, главоболка, слабост, болки во мускулите и зглобовите, вкочанетост на вратот и нарушена свест, а имал и други заболувања.
Според Институтот за јавно здравје, меѓу можните симптоми на западнонилската треска се покачена температура, треска, главоболка, општа слабост и болки во мускулите и зглобовите.
Здравствените власти прогласиле епидемија во повеќе скопски подрачја, меѓу кои Кисела Вода, Гази Баба, Драчево, Илинден, Трубарево, Јурумлери и Идризово.
Според објавените податоци, најголем број регистрирани случаи има во Драчево.







