Најмалку 20 лица загинаа во израелската воена операција во југозападна Сирија, јави сириското Министерство за надворешни работи, пренесува ДПА. Според локалните здравствени власти во покраината Дамаск, десет цивили биле потврдени како мртви, а 22 други лица се повредени по израелскиот напад врз селото Беит Џин, во близина на Голанската Висорамнина, која е анексирана од Израел.
Судирите започнале утрово, кога израелските војници влегле во селото. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека операцијата била насочена кон апсење на двајца членови на екстремистичката група Џемаа Исламија, кои, според Израел, планирале напади врз израелски цивили.
ИДФ наведоа дека вооружени лица отвориле оган врз израелските војници, кои возвратиле и добиле воздушна поддршка. Во судирот биле ранети шест израелски војници, тројца од нив со потешки повреди, додека неколку милитанти биле убиени, а сите осомничени приведени.
Сириското Министерство за надворешни работи остро го осуди нападот, нарекувајќи го „воено злосторство“ и „ужасен масакр во кој загинаа повеќе од 20 цивили, вклучувајќи жени и деца“.
Рами Абдел Рахман, раководител на Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права (SOHR) со седиште во Велика Британија, оцени дека ова е најголемата израелска операција во Сирија од соборувањето на поранешниот диктатор Башар ал-Асад минатата година.
По падот на Асад, Израел распоредил трупи во тампон-зоната контролирана од ОН помеѓу Голанската Висорамнина и сириската територија, со цел да спречи радикални групи да се етаблираат во граничната област.
Според израелските медиуми, притворените членови на Џемаа Исламија во минатото испукале ракети кон Израел. Групата е во сојуз со проиранската милиција Хезболах во Либан и палестинската екстремистичка организација Хамас во Појасот Газа.
















