ПРВ.мк
Македонија

СКАНДАЛ НА ОНКОЛОГИЈА: Присвојување дел од терапијата и ја продавале – кој стои зад ова?

СКАНДАЛ НА ОНКОЛОГИЈА: Присвојување дел од терапијата и ја продавале – кој стои зад ова?
Kristal

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“, каде обвинети се поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и економскиот директор Нехад Нухи. Тие се товарат за незаконска набавка на лекови, фиктивни тендери и присвојување дел од терапијата.

На денешното рочиште сведочеше раководителката на одделението за финансиско, сметководствено и шалтерско работење, која од 2018 до 2022 година ја водела оваа служба. Таа опиша дека била одговорна за контрола, координација и подготовка на финансиски и статистички извештаи, како и за редовна комуникација со Фондот за здравство, Министерството за здравство и Државниот завод за статистика.

Сведокот истакна дека од крајот на 2019 и почетокот на 2020 година практично била тргната од клучниот дел од работата, откако обврската за подготовка на налозите за плаќање кон добавувачите била префрлена на колешка, без писмено решение и без објаснување на промената. „Бев комплетно тргната од таа работа“, изјави таа пред судот, нагласувајќи го прекинот на довербата и променетиот однос во раководството на Клиниката.

Во врска со обвинетиот Васев, сведокот посочи дека до почетокот на пандемијата комуникацијата била коректна, а Клиниката немала долгови. Меѓутоа, пред неговата болест, тој станал резервиран и не го прифаќал строгото пресметување за плаќањата кон добавувачите, што било единствениот начин за избегнување на нови обврски. И покрај промените, таа продолжила да доставува финансиски извештаи, вклучувајќи податоци за пациенти без осигурување и странски државјани.

Сведокот се задржа и на проблемот со долговите и тужбите против Клиниката. Таа потврди дека Клиниката се соочила со тужби од два економски оператори за неплатени фактури за периодот 2021/2022 година, со камата од околу еден милион евра, што резултирало со блокада на две сметки на институцијата.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска најави дополнителни материјални докази, додадени од сведокот, додека одбраната на Васев постави прашање за законитоста на прибавувањето на овие документи.

Случајот „Онкологија 2“ се води паралелно со „Онкологија 1“, каде обвиненијата опфаќаат и несоодветно лекување на пациенти и проневера на средства од здравствениот буџет. Исходот од овие процеси ќе биде важен тест за одговорноста на поранешното раководство на Клиниката и за начинот на кој системот ги штити средствата за лекување на онколошките пациенти.

Escape

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape
DIK