На 27 ноември околу 23:45 часот, во струмичкото село Банско, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода 65-годишниот Б.М. од истото село. Според пријавеното, истиот вечерта околу 20:30 часот во близина на неговиот дом со воздушна пушка испукал проектил кон малолетник од Струмица и го погодил во ногата.
На малолетното лице му била укажана лекарска помош во Општата болница во Струмица. Полицијата ја пронашла и одзела воздушната пушка од Б.М., кој е задржан во Полициската станица во Струмица.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
















