ПРВ.мк
Црна Хроника

НОЌ НА ХАОС ВО СТРУМИЧКО: Упаднале во куќа, претепале семејство со деца и се обиделе да грабнат девојка

НОЌ НА ХАОС ВО СТРУМИЧКО: Упаднале во куќа, претепале семејство со деца и се обиделе да грабнат девојка

Вистинска драма се одвивала во струмичкото село Сарај, каде шестмина мажи насилно упаднале во семејна куќа, физички нападнале повеќе членови на семејството, меѓу кои и две малолетни деца, а потоа се обиделе и против нејзина волја да одведат девојка од домот.

Според Министерството за внатрешни работи, СВР Струмица поднела кривични пријави против Б.Д. (22), Т.Ј. (49), С.Д. (47), В.М. (36), Г.Т. (42) и М.Т. (21), сите од селото Просениково. Тие се сомничат за кривичното дело „насилство“, додека двајца од нив – Т.Ј. и Г.Т. – се товарат и за „противправно лишување од слобода“, бидејќи се обиделе насилно да ја одведат Р.Ѓ.

Инцидентот се случил на 24 јули околу 21:20 часот, кога осомничените насилно влегле во домот на К.Ѓ. во селото Сарај. Според истрагата, тие физички ги нападнале К.Ѓ., З.Ѓ., Р.Ѓ., В.Ѓ., Б.М., Б.Ѓ. и две малолетни лица, при што на повеќемина им биле нанесени телесни повреди.

Во еден момент, двајца од напаѓачите се обиделе против нејзина волја да ја земат Р.Ѓ. и да ја одведат, но нивниот обид бил спречен.

По пријавата, на местото интервенирала полицијата, но еден од осомничените, Б.Д., агресивно се однесувал и кон полициските службеници. Според МВР, тој физички нападнал двајца полицајци, поради што против него е поднесена и пријава за „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

Сите осомничени биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица, а за случајот бил известен јавен обвинител.

За време на нападот, домаќинот К.Ѓ. излегол на терасата и со ловечка пушка испукал два истрела во воздух. По целосното документирање на случајот, и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.