ПРВ.мк
Црна Хроника

УАПСЕНИ МАКЕДОНЦИ ПОРАДИ ИЗМАМА СО ЛАЖНИ ПОВИЦИ: Постари жени останале без илјадници евра и злато

УАПСЕНИ МАКЕДОНЦИ ПОРАДИ ИЗМАМА СО ЛАЖНИ ПОВИЦИ: Постари жени останале без илјадници евра и злато

Двајца државјани на Македонија се уапсени во Србија под сомнение дека измамиле две постари жени во Врање и Лесковац, користејќи добро позната телефонска измама во која лажно тврделе дека нивните ќерки се тешко повредени и итно им се потребни пари за операција.

Според српското Министерство за внатрешни работи, против Р.Ш. (1977) ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение за измама. Тој, според истрагата, од домот на 70-годишна жена во Врање подигнал поголема сума пари, откако непознат маж телефонски ѝ се претставил како лекар и ја убедил дека нејзината ќерка е тешко повредена во странство.

Иако случајот не бил веднаш пријавен, полицијата со оперативна работа, во соработка со граничната полиција кон Македонија, го запрела осомничениот на граничен премин. При претрес на неговото возило биле пронајдени пари во евра и динари.

Во посебен случај во Лесковац бил уапсен С.Г. (1995) од Македонија. Тој е осомничен дека измамил 75-годишна жена, која му предала 2.650 евра, 120.000 динари и златен накит, откако ѝ било кажано дека нејзината ќерка доживеала сообраќајна несреќа и дека итно ѝ се потребни средства за операција.

Полицијата го пронашла осомничениот во близина на домот на оштетената, а кај него биле пронајдени сите пари и накитот, кои потоа биле вратени на сопственичката.

Од српската полиција повторно апелираат граѓаните, особено повозрасните лица, да не наседнуваат на вакви телефонски измами и секој сомнителен повик веднаш да го пријават во полиција.