Голема меѓународна полициска операција против организирана криминална група се спроведува во координација меѓу надлежните служби од Македонија, Косово и Грција.
Според Министерството за внатрешни работи, акцијата ја води Одделот за криминалистичка полиција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со службите за борба против недозволена трговија со дрога од Косово и Грција.
По повеќемесечна истрага, во Солун биле уапсени две лица – македонски и косовски државјанин.
При проверка на товарно возило, во приколката биле откриени 324 килограми марихуана, сокриени во осум палети со хартија.
Истовремено, операцијата се спроведува и на територијата на Македонија, каде Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со повеќе сектори за внатрешни работи, врши претреси на повеќе локации низ државата.
Целта на акцијата е да се утврди дали има и други лица вклучени во криминалната група, како и да се обезбедат дополнителни докази и предмети поврзани со случајот.
Од МВР се очекуваат повеќе детали по завршувањето на полициската операција.






