Големиот пожар што избувна во Локва Рогозница кај Омиш во четвртокот вечерта предизвика огромна материјална штета, повреди десетици лица и принуди повеќе од 200 жители и туристи да бидат евакуирани.


Огнот избувнал околу 20:21 часот, а поради силниот ветер за само два часа брзо се проширил. Во текот на ноќта пожарот стигнал и до поширокото подрачје на Омиш.
Според заменик-градоначалникот Иван Пивчевиќ, изгореле десетици автомобили на Јадранската магистрала, повеќе куќи, како и тврдината Фортица. Сообраќајот на погодениот дел од магистралата бил прекинат.


Според последните информации, пожарникарите успеале да го стават пожарот под контрола. Речиси 40 лица биле повредени, а хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ соопшти дека во КБЦ Сплит се хоспитализирани 14 пациенти, од кои 10 се на интензивна нега.
Пленковиќ заедно со повеќе министри пристигнал во Омиш, каде бил свикан состанок на кризниот штаб со пожарникарските, полициските, здравствените и локалните служби.

Според локалните власти, засега нема информации за загинати. Точните размери на штетата ќе бидат познати откако ќе се овозможи целосна обиколка на сите погодени населени места.







