Во земјава е регистриран првиот потежок случај на западно-нилска треска, откако 76-годишен пациент од Скопје завршил на Одделот за интензивна нега на Инфективната клиника.
Според директорот на Клиниката, Фадил Цана, кај пациентот се развило воспаление на мозокот, поради што е приклучен на респираторна поддршка.
„За жал, 76-годишниот пациент е во потешка здравствена состојба и се наоѓа во Центарот за интензивна нега. Тој е на респираторна поддршка бидејќи состојбата е критична. Останатите пациенти се стабилни и се префрлени на Одделот за невроинфекции“, изјави Цана.
Според информациите, пациентот не патувал надвор од државата, што укажува дека се заразил од комарец во Македонија.
Досега во земјава се регистрирани осум случаи на западно-нилска треска. Повеќето заболени се повозрасни лица кои исто така не патувале во странство. Најголем број од случаите се евидентирани во Скопје и Велес.
Здравствените власти продолжуваат да ја следат состојбата и апелираат граѓаните да се заштитуваат од убоди од комарци, особено во вечерните часови и во близина на водени површини.






