Шеесет и петгодишен велосипедист го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера попладне на локалниот пат Кочани – Брана Гратче.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена околу 15:30 часот во ОВР Кочани. Во судирот учествувале патничко возило „Шкода“ со кочански регистарски ознаки, управувано од И.Б. (51) од Кочани, и велосипед управуван од Д.Ѓ. (65), исто така од Кочани.
Од здобиените повреди, велосипедистот починал на местото на несреќата, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош Кочани.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на Судска медицина за обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
На местото на несреќата извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кочани, а надлежните институции продолжуваат со истрагата за целосно расчистување на околностите под кои се случила трагичната несреќа.








