Шест државјани на Норвешка, меѓу кои четири возрасни и две деца, беа успешно спасени откако нивниот глисер почнал да тоне во близина на увалата Добреч кај Котор, соопшти Министерството за поморство на Црна Гора.
Според соопштението, дојавата за опасност од потонување на пловилото била примена околу 15:00 часот, по што веднаш била започната итна спасувачка акција. Само 11 минути подоцна, инспектори од Капетанијата во Котор и две пловила на Управата за поморска безбедност пристигнале на местото, каде што го затекнале глисерот под норвешко знаме целосно потопен.
Пред пристигнувањето на спасувачките екипи, во помош притекол друг глисер, чиј управувач ги евакуирал сите шест членови на норвешкото семејство.
Од Министерството информираат дека глисерот го управувал норвешкиот државјанин Б.Л.К., а благодарение на брзата реакција никој од патниците не е повреден.
Инспекцијата извршила увид и утврдила дека нема загадување на морето, со што е избегната и еколошка штета. Причините за поморската несреќа ќе бидат предмет на понатамошна истрага.








