ПРВ.мк
Свет

Бидете на претпазливост! – САД со итно предупредување за Блискиот Исток

Бидете на претпазливост! – САД со итно предупредување за Блискиот Исток

Американскиот Стејт департмент издаде глобално предупредување за своите државјани поради зголемените тензии на Блискиот Исток и можноста за натамошна ескалација на конфликтите.

Во соопштението се наведува дека безбедносната состојба останува сложена и непредвидлива, поради што американските државјани, особено оние кои престојуваат на Блискиот Исток, се повикуваат на зголемена претпазливост и редовно следење на најновите информации.

„Поради зголемените тензии на Блискиот Исток, безбедносната ситуација останува сложена, со можност за ненадејна ескалација. Ги повикуваме американските државјани да бидат внимателни и да ги следат безбедносните препораки на најблиските американски амбасади и конзулати“, соопшти Стејт департментот.

Властите предупредуваат дека се можни нарушувања во воздушниот сообраќај, вклучително и откажување на летови и привремено затворање на воздушниот простор, што може да предизвика проблеми при патувањата.

Исто така, се наведува дека американски дипломатски претставништва, вклучително и надвор од Блискиот Исток, претходно биле цел на напади, а постои можност групи кои го поддржуваат Иран да таргетираат американски интереси и објекти поврзани со САД низ светот.

Стејт департментот им препорачува на американските државјани пред секое патување внимателно да ги проверат најновите безбедносни препораки и известувања за земјата во која патуваат.