Уште една туристичка дестинација во Хрватска одлучи да стави крај на практиката на резервирање места на плажа со оставање пешкири и други лични предмети.
Туристичката заедница на Гребаштица соопшти дека од следната недела поморските редари ќе го засилат надзорот и ќе ги отстрануваат пешкирите, лежалките, чадорите за сонце и другите предмети што се оставени без надзор со цел однапред да се „резервира“ место покрај морето.
Од туристичката заедница апелираат и до издавачите на сместување да ги информираат своите гости за новите правила.
„Потсетуваме дека не е дозволено оставање пешкири, лежалки, чадори за сонце и други лични предмети без надзор со цел резервирање место на плажа. Предметите оставени без надзор ќе бидат отстранети од поморските редари“, се наведува во соопштението.
Целта на мерката, според надлежните, е да се обезбедат поголем ред, безбедност и еднаков пристап до јавните плажи за сите посетители.
Практиката на оставање пешкири и лежалки уште од раните утрински часови стана сè почеста на Јадранот во текот на летната сезона, предизвикувајќи незадоволство кај туристите кои затекнуваат празни, но „резервирани“ места.
Поради тоа, сè повеќе хрватски туристички места воведуваат вакви мерки, нагласувајќи дека јавните плажи им припаѓаат на сите и дека никој нема право однапред да си присвојува простор.








