Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од Пекинг испрати порака која одекна во јавноста. Тој присуствуваше на воена парада и ја пофали моќта на Кина, нагласувајќи дека нивните вооружени системи претставуваат „стратешка предност“ во однос на другите земји. Посебно внимание посвети на ракетните системи DH-5, за кои рече дека предизвикале големо изненадување кај светската јавност.
Вучиќ најави и дека Белград ќе биде домаќин на голема воена парада на 20 септември, на која се очекува присуство на бројни странски делегации. Дополнително, тој потврди дека имал средби со претставници на 11 кинески компании, со кои разговарал за идни инвестиции и технолошка соработка.
Најголемата сензација сепак беше неговата изјава дека во Србија следната година ќе започне тестирање на летачки автомобили. Според него, тоа ќе биде дел од новиот бран иновации и технолошки напредок, со кој Србија ќе се обиде да покаже дека може да биде чекор понапред од регионот.
Оваа најава предизвика лавина реакции – дел од јавноста со неверување, а други со ентузијазам, очекувајќи дали навистина ќе видат летачки автомобили на српските улици.