Во Лисабон денеска се случи страшна несреќа кога популарната туристичка атракција, жичницата Глорија, излета од шините и се урна. Според првичните информации, најмалку три лица го загубија животот, а повеќе од дваесетмина се повредени.
Фотографии од местото на настанот прикажуваат целосно уништена кабина, која потсетува на трамвај. На терен се пожарникари, полиција и итни служби кои работат на спасување и обезбедување на областа.
„Она што можеме да го потврдиме е дека има повеќе жртви“, изјави началникот на смената на противпожарната бригада во Лисабон, додека локалните медиуми јавуваат дека бројот на загинати може да се зголеми.
Жичницата Глорија, изградена уште во 19 век, е една од најпознатите туристички атракции во португалската престолнина и секојдневно ја користат илјадници туристи.
Несреќата предизвика шок и неверување во Португалија, а се очекува истрагата да покаже што точно довело до овој трагичен инцидент.