Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека секоја земја, вклучително и Украина, има право да избере свој безбедносен систем, но нагласи дека тоа не смее да се прави на штета на безбедноста на Русија.
На прес-конференција по посетата на Кина, тој порача дека Москва никогаш не го покренала прашањето за „безбедносни гаранции во замена за територија“ и додаде дека територијалните прашања во Украина може да се решат единствено преку референдум, но само по укинување на воената состојба.
Путин ја коментираше и политичката ситуација во Украина, посочувајќи дека Уставниот суд нема кворум и овластувања за носење одлуки, што според него е „пат кој не води никаде“. Тој додаде дека нема уставна основа за проширување на овластувањата на претседателот Володимир Зеленски.