Само една недела пред смртта на Ратко Младиќ, српскиот претседател Александар Вучиќ испратил барање до Хаг со кое побарал поранешниот командант на Војската на Република Српска да биде префрлен во болница во Србија, објави српски „Блиц“.
Според медиумот, Вучиќ го испратил писменото барање откако добил лекарски извештај кој укажувал на сериозно влошување на здравствената состојба на Младиќ.
Иницијативата, сепак, не била прифатена. Хашките власти и претходно во повеќе наврати ги одбивале барањата на одбраната за предвремено или хуманитарно ослободување на Младиќ.
Младиќ почина во болничкото одделение на притворскиот центар на Обединетите нации во Хаг, каде што во последниот период, според неговиот адвокат Бранко Лукиќ, добивал палијативна нега и терапија за ублажување на болките.
Лукиќ изјавил дека семејството ќе ја донесе конечната одлука за тоа каде ќе биде пренесено и погребано телото. Според адвокатот, желбата на Младиќ била да биде погребан покрај неговата ќерка Ана на гробиштата Топчидер во Белград.
Процедурата за потврдување на смртта и подготовка на потребната документација за пренесување на телото би можела да трае неколку дена.
Ратко Младиќ издржуваше доживотна затворска казна откако беше правосилно осуден за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.









