Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, ќе биде погребан со највисоки државни почести, изјави српскиот министер за правда Ненад Вујиќ за Алтернативната телевизија во Бања Лука.
Според Вујиќ, протоколите за погреб на генерал се јасно утврдени, но конечната одлука за местото каде што ќе биде погребан Младиќ ќе ја донесе неговото семејство.
„Генерал Младиќ е генерал и протоколите се познати. Неговата улога е исто така позната, но она што му припаѓа на генералот Младиќ сигурно ќе биде почитувано“, изјави Вујиќ.
Српските власти сега очекуваат информации од Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали во врска со процедурата и временската рамка за преземање на телото.
Вујиќ порача дека Србија е подготвена веднаш да испрати претставници во Хаг штом биде добиено одобрение за преземање на телото.
Во меѓувреме, дел од српските медиуми објавуваат дека веќе се преземаат активности околу организацијата на погребот и дека како една од можните локации се споменуваат гробиштата Топчидер, каде што е погребана неговата ќерка Ана. Сепак, според изјавата на министерот, конечната одлука за местото останува на семејството.
Младиќ беше командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска од 1992 до 1996 година. Во мај 2011 година беше уапсен во Србија, по што беше екстрадиран во Хаг.
Тој беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина. Жалбениот совет во 2021 година ја потврди доживотната казна.
Во последниот период Младиќ се наоѓаше во притворската болница во Хаг, каде што поради сериозно влошената здравствена состојба добиваше палијативна медицинска нега.








