Европската унија го суспендираше увозот на говедско месо, живина, јајца, мед и други производи од животинско потекло од Бразил поради загриженост околу употребата на антибиотици и антимикробни средства во сточарството.
Одлуката стапила во сила минатиот четврток, откако истекол рокот што Брисел му го дал на Бразил да обезбеди гаранции дека производството ги исполнува европските стандарди.
Европската комисија уште во мај најавила дека Бразил ќе биде отстранет од листата на земји на кои им е дозволен извоз на одредени производи од животинско потекло во ЕУ.
Според образложението, бразилските власти не обезбедиле доволни гаранции во однос на употребата на антибиотици како стимулатори на растот, како и на други ограничени антимикробни лекови.
Одлуката би можела да претставува сериозен удар за бразилските извозници, со оглед на тоа што Бразил е најголемиот светски извозник на говедско месо. Само минатата година во Европската унија биле извезени околу 108.000 тони бразилско говедско месо, во вредност од приближно една милијарда долари, според податоците наведени од бразилската влада.










