Бројот на заразени со вирусот Западен Нил во Србија бележи значителен пораст, откако за само една недела бројот на потврдени случаи се зголемил повеќе од двојно.
Според најновите податоци на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, до 6 септември се регистрирани вкупно 37 заболени, додека една недела претходно имало 18 случаи.
Особено загрижува податокот дека кај дури 34 од вкупно 37 заразени се развил невроинвазивен облик на болеста.
Случаи се регистрирани во девет окрузи. Најмногу заболени има во Белград – 10, а потоа следува Јужнобачкиот округ со девет случаи. Во Шумадискиот округ се регистрирани пет заболени, во Среднобанатскиот и Јужнобанатскиот по четири, а во Севернобанатскиот два случаи. По еден заразен има во Западнобачкиот, Расинскиот и Браничевскиот округ.
Меѓу заболените има 24 мажи и 13 жени, а просечната возраст изнесува 66,7 години.
Податоците покажуваат нагло зголемување во однос на состојбата до 30 август, кога од почетокот на сезоната на надзор во Србија биле регистрирани 18 случаи, од кои 15 со невроинвазивен облик.
Тоа значи дека за само една недела се потврдени уште 19 случаи, додека бројот на лица со потешкиот, невроинвазивен облик пораснал од 15 на 34.










