Александар Вучиќ, поранешниот претседател и премиер на Србија, по пауза од две децении повторно седна во пратеничките клупи на српското Собрание. Но, неговото враќање се случува во сосема поинакви политички околности, откако по 14 години на власт, Српската напредна партија (СНС) го загуби парламентарното мнозинство и се најде во опозиција.
На конститутивната седница на новиот состав на парламентот, Вучиќ беше забележан со сериозен израз на лицето и без вообичаената политичка самоувереност. Неговото однесување и расположение привлекоа внимание, особено ако се има предвид дека до неодамна беше една од највлијателните политички фигури во Србија.
Зад него во пратеничките клупи седеа негови долгогодишни соработници – поранешната премиерка и претседателка на Собранието, Ана Брнабиќ, како и поранешниот премиер Милош Вучевиќ.
Меѓу нив беше и Милош Павловиќ, поранешен предводник на група студенти кои се претставуваа како „студенти кои сакаат да учат“, а во јавноста беа познати и под називот „ќаци“. Оваа група ја поддржуваше владата на Вучиќ за време на студентските протести.
Посебно внимание привлече и моментот на почетокот на седницата, кога беше интонирана српската химна „Боже правде“. Според снимките од телевизискиот пренос во живо, Вучиќ не ја пеел националната химна.
Самиот Вучиќ потсети дека последен пат бил пратеник во 2006 година. Неговата парламентарна кариера започнала уште во 1993 година, кога како млад политичар за првпат влегол во српското Собрание како член на Српската радикална партија.
Во меѓувреме, по потврдувањето на пратеничките мандати, претставниците на новиот парламентарен состав ја положија свечената заклетва, со што официјално беше конституирано Собранието.
Според објавените резултати, студентската листа освоила 140 од вкупно 250 пратенички места, додека Српската напредна партија добила 103 мандати. Со ваквиот распоред на силите, политичката сцена во Србија добива нова конфигурација, а Вучиќ по долгогодишното владеење се враќа во парламентот како дел од опозицијата.








