ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА АНТИТЕРОРИСТИЧКА АКЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА: Петмина уапсени, шестиот осомничен сè уште се бара!

ГОЛЕМА АНТИТЕРОРИСТИЧКА АКЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА: Петмина уапсени, шестиот осомничен сè уште се бара!

Пет лица биле лишени од слобода во голема антитерористичка операција спроведена од Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност, во координација со Агенцијата за национална безбедност. Акцијата била насочена кон откривање и спречување активности поврзани со кривичните дела „Тероризам“ и „Терористичка организација“.

Од МВР информираат дека операцијата била спроведена по добиени информации од АНБ во рамките на меѓународната соработка. Сознанијата биле доставени на почетокот на годинава до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

Информациите се однесувале на шест државјани на Северна Македонија, на возраст од 29 до 73 години, кои потекнувале од Скопје и Куманово.

По спроведувањето на координирани оперативни и истражни активности, акцијата ја реализирале надлежните полициски служби од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.

Врз основа на судски наредби издадени од судија на претходна постапка, биле извршени претреси на четири локации, при што биле приведени четири лица. Уште едно лице било лишено од слобода во Грција, по што било предадено на надлежните органи во Македонија. По шестото лице, за кое постојат сознанија дека се наоѓа надвор од државата, сè уште се трага.

При претресите биле пронајдени и одземени поголем број предмети, меѓу кои мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти и скица на која била означена одредена локација. Полицијата пронашла и огнено оружје и муниција, од кои дел биле без соодветна дозвола.

Одземените предмети ќе бидат дополнително анализирани и ќе бидат предмет на соодветни вештачења, со цел да се утврдат сите околности и евентуалните поврзаности.

Според сознанијата до кои дошле надлежните институции во текот на истрагата, утврдена била меѓусебна поврзаност на опфатените лица, но и нивни контакти со странски државјани, меѓу кои и лица поврзани со таканаречени прокси-мрежи.

Од МВР наведуваат дека истрагата открила и намера на групата да изврши терористички акт насочен кон цел која се наоѓала на територијата на друга држава.

За сите преземени активности и досегашните сознанија било известено надлежното јавно обвинителство. На пет лица им биле определени соодветни мерки од страна на судија на претходна постапка.

Од Министерството посочуваат дека операцијата ја потврдува соработката и оперативната координација меѓу МВР, односно БЈБ, и Агенцијата за национална безбедност. Таа, како што наведуваат, се заснова на постојана размена на информации, заедничка анализа на безбедносните сознанија и координирано дејствување.

Дополнително, од МВР информираат дека од крајот на 2024 година до денес, во соработка со АНБ, постапувале во вкупно 10 случаи во кои биле опфатени 22 лица. Покрај тоа, биле преземени активности и во два одделни случаи против две лица за кривичното дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид“.

МВР и АНБ најавуваат дека ќе продолжат со интензивната соработка со надлежното обвинителство и меѓународните партнери, со цел навремено откривање и спречување активности што би можеле да ја загрозат националната и регионалната безбедност.