ПРВ.мк
Македонија

ПОЧНА ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ: Еве колку за прва класа, а се најавува и повисока субвенција за тутунарите! Т

ПОЧНА ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ: Еве колку за прва класа, а се најавува и повисока субвенција за тутунарите!  Т

Започна откупот на тутунот од годинешната реколта, а производителите за килограм тутун од прва класа ќе добиваат по 435 денари. Ова го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, при посетата на откупниот пункт на Тутунскиот комбинат во Прилеп.

Комбинатот денеска има отворено 34 откупни пунктови, а досега таму биле предадени повеќе од шест тони тутун.

Министерот изрази очекување дека над 96 проценти од годинешното производство ќе биде проценето како тутун од прва класа, со што би се задржала договорената откупна цена од 435 денари за килограм. Тој посочи дека оваа цена е утврдена и врз основа на барањата на самите производители.

Според информациите што ги соопшти Серафимовски, годинава има зголемување на површините засадени со тутун во споредба со минатата година. Тие изнесуваат околу 15.100 хектари, а очекуваното производство се движи меѓу 26 и 30 милиони килограми.

Целокупниот род ќе се откупува согласно претходно склучените договори со производителите и откупувачите.

Се подготвува зголемување на субвенциите од 80 на 90 денари

Покрај откупната цена, министерот најави и можност за зголемување на субвенцијата за тутунот. Според најавата, во разговори со Сојузот на тутунари и останатите производители ќе биде предложено досегашната поддршка од 80 денари да се зголеми на 90 денари за килограм.

За да се обезбеди оваа промена, Министерството планира да предложи измени во програмата за поддршка. Според најавеното решение, основната мерка и поддршката за зелена нафта би биле укинати, а средствата би се насочиле кон дополнителни 10 денари субвенција за тутунот.

Серафимовски објасни дека целта е да им се излезе во пресрет на што поголем број тутунари и земјоделци кои го предаваат своето производство.

Во меѓувреме, тутунот од втора класа се откупува по 370 денари за килограм, додека за третата класа се исплаќаат 305 денари.

Контроли на сите 317 откупни пунктови

Државниот инспекторат за земјоделство е присутен на терен уште од првиот ден на откупот. Во наредниот период инспекторите ќе ги опфатат со контроли сите 317 откупни пунктови на десетте регистрирани откупувачи во земјава.

Контролите треба да обезбедат следење на процесот на откуп на годинешната реколта, додека тутунарите очекуваат производството да биде преземено според договорените услови и утврдените класи.