26-годишната Сара Ѓорѓиеска, која се здоби со тешки повреди во инцидентот што ја вознемири охридската, но и пошироката македонска јавност, е пуштена на домашно лекување, информира „Охридпрес“.
Сара била хоспитализирана во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, каде што биле извршени повеќе дијагностички испитувања, меѓу кои и компјутерска томографија (КТ) на главата.
Според првичните информации од болницата, таа имала повеќе повреди, меѓу кои хематоми и модринки. По лекувањето и медицинските испитувања, била пуштена да закрепнува во домашни услови.
Во меѓувреме, случајот продолжува да се процесуира пред надлежните институции. Охридското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 31-годишниот Кристијан Корабоски од Охрид за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, поврзани со нападот врз Сара.
Основниот суд во Охрид претходно му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Од Обвинителството соопштија дека, според обвинението, при вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил оштетената, физички ја нападнал, ѝ нанел телесни повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
Во рамки на постапката, јавниот обвинител презел повеќе дејствија за утврдување на околностите на настанот. Била испитана и оштетената, во присуство на претставници на социјалните служби, а било наредено и спроведено вештачење за видот и карактерот на повредите што ги имала.
Обвинителството, заедно со обвинението, доставило и предлог за определување притвор, посочувајќи ги утврдените околности во предметот. Од таму информирале и дека обвинетиот бил обезбедуван во текот на целата постапка.
Дополнително, вчера попладне Кристијан Корабоски повторно бил приведен поради нови околности во предистражната постапка. Од СВР Охрид ја потврдиле информацијата за повторното приведување, но не откриле за какви околности станува збор, ниту дали Обвинителството побарало повторно определување притвор.
Иако Сара веќе е пуштена на домашно лекување, постапката за расчистување на случајот продолжува пред надлежните институции.








