ПРВ.мк
Балкан

НОВА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ХАШИМ ТАЧИ: Судот во Хаг му изрече дополнителни 17 месеци, еве за што е осуден!

НОВА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ХАШИМ ТАЧИ: Судот во Хаг му изрече дополнителни 17 месеци, еве за што е осуден!

Поранешниот косовски лидер и поранешен командант на ОВК, Хашим Тачи, денеска беше осуден на дополнителни 17 месеци затвор од Специјализираните совети во Хаг. Казната му е изречена поради попречување на работата на судот и непочитување на судските правила преку откривање доверливи информации и податоци за заштитени сведоци.

Тачи (58) беше прогласен за виновен за обид за попречување на службени лица во извршувањето на нивните должности, нарушување на доверливоста на постапката и непочитување на судот.

Во истата постапка беа изречени казни и за други обвинети. Башким Смакај и Фадиљ Фазљи добија по 12 месеци затвор за обид за попречување на работата на судот. Сепак, тие ќе бидат веднаш ослободени, бидејќи времето поминато во притвор веќе им ја покрива изречената казна.

Хајредин Кучи беше осуден на условна казна од еден месец затвор, со рок на проверка од една година, додека Исни Киљај беше ослободен од обвинението.

Доверливите информации ги споделувал со соработници во притворот

Според образложението на пресудата, Тачи бил осуден затоа што во текот на летото и есента 2023 година, додека се наоѓал во притвор во Хаг, на свои соработници им предавал доверливи информации, вклучително и податоци за шест заштитени сведоци од главната постапка во која беше обвинет за воени злосторства.

Станува збор за соработници кои го посетувале во притворскиот центар. Според утврденото во постапката, Тачи преку нив ги пренесувал информациите и давал насоки за тоа како сведоците треба да сведочат пред судот.

Пресудата ја донесе судијата Кристофер Госнел. Според одлуката, новата казна од 17 месеци ќе се издржува последователно со казната од друга судска постапка, како што побарало обвинителството.

Имено, на одвоено судење, на 16 септември, Тачи беше осуден на 25 години затвор за воени злосторства извршени во Косово и Албанија во периодот од 1998 до 1999 година.

Со најновата одлука, против него е изречена дополнителна затворска казна за попречување на правдата, која ќе следува по казната од 25 години.