ПРВ.мк
Балкан

НОВ ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ ШТО ЈА ПОТРЕСЕ ХРВАТСКА: Се огласи адвокатот на семејството на починатиот Кристијан Периш

НОВ ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ ШТО ЈА ПОТРЕСЕ ХРВАТСКА: Се огласи адвокатот на семејството на починатиот Кристијан Периш

По новиот бран апсења во истрагата за смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриската клиника „Свети Иван“ во Загреб, се огласи и неговото семејство преку адвокатот Леон Зрниќ.

Адвокатот изјави дека семејството ги очекувало новите апсења, бидејќи постојат сомневања за повеќе кривични дела поврзани со трагичниот настан.

„Семејството Периш очекуваше дека ќе следуваат нови апсења, бидејќи постои сомневање за извршување цела низа кривични дела што би можеле да им се стават на товар на одговорните лица. Но, семејството како оштетена страна не може да навлегува во коментари за правната квалификација на делата“, изјави Зрниќ.

Изјавата доаѓа откако хрватската полиција во понеделникот уапси уште четири лица – докторка, две медицински сестри и медицински техничар.

Според полициското соопштение, сите четворица се осомничени за тешко убиство, во врска со законските одредби за одговорност поради непреземање дејствија за спречување на смртта на пациентот.

Претходно, во рамките на истата истрага, беа уапсени четворица медицински техничари, на кои им беше определен истражен притвор.

Кристијан Јосип Периш почина на 21 октомври, по интервенција во болничката соба на Клиниката за психијатрија „Свети Иван“ во загрепски Јанкомир.

Случајот предизвика силни реакции во хрватската јавност по објавувањето на снимка од постапувањето на медицинскиот персонал кон пациентот.

По објавувањето на снимката, оставка поднесе директорката на клиниката Мајда Грах, а потоа следуваа и оставки на други членови од раководството и управниот совет.

Со најновите приведувања, бројот на уапсени во истрагата достигна осум лица.

Истрагата продолжува, а надлежните правосудни органи треба да ја утврдат индивидуалната кривична одговорност на осомничените.