Американските амбасади во најмалку 20 европски земји објавија безбедносно предупредување до своите државјани поради можен зголемен ризик од терористички напади во пресрет на божиќните и новогодишните празници.
Предупредувањата се однесуваат и на земји од Балканот, меѓу кои Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и на Унгарија.
Според американските дипломатски претставништва, големите јавни собири и празничните манифестации можат да бидат потенцијални цели на терористички организации и поединци што дејствуваат самостојно.
„Терористите, вклучително и поединци кои дејствуваат самостојно, можат да нападнат со малку или без никакво претходно предупредување“, се наведува во соопштението.
Како потенцијално ризични места се посочуваат божиќните базари, туристичките атракции, трговските центри, железничките и автобуските станици, верските објекти и другите јавни простори со голем број посетители.
Американските власти ги советуваат своите државјани да бидат особено внимателни за време на празничните фестивали, концертите и другите масовни настани.
Дополнително, се предупредува и на можни нарушувања во сообраќајот поради протести, штрајкови и лажни дојави за поставени експлозивни направи.
Во текот на ноември, вакви дојави предизвикаа проблеми во авионскиот сообраќај во повеќе европски земји.
На патниците им се препорачува редовно да ги следат локалните вести, да ги почитуваат упатствата на полицијата, да избегнуваат протести и навремено да проверуваат дали има промени во авионските летови.
Важно е да се нагласи дека предупредувањето е од превентивен карактер и не наведува конкретен, потврден план за терористички напад во одредена држава.
Американските амбасади ги повикаа своите државјани да останат внимателни, особено на места со голема концентрација на луѓе во претстојниот празничен период.






