Синот на убиениот ирански нуклеарен научник Мохсен Фахризаде јавно откри необичен разговор со својот татко, во кој го прашал дали Иран поседува атомска бомба.
Хамед Фахризаде, говорејќи на собир на Технолошкиот универзитет „Шариф“ во Техеран, раскажал дека одговорот на неговиот татко бил изненадувачки.
„Сине мој, достигнавме такво ниво на знаење во споредба со кое нуклеарната бомба е само шега“, му одговорил татко му, според сведоштвото на Хамед.
Како што пренесува иранската новинска агенција „Тасним“, синот на научникот тврди дека неговиот татко верувал оти вистинската моќ на Иран не лежи само во нуклеарното оружје, туку во научните и технолошките достигнувања.
Хамед изјавил дека истражувањата поврзани со нуклеарната технологија биле насочени кон одбранбени цели, односно подготовка за евентуален нуклеарен напад врз Иран.
Тој посочил дека иранските научни институции работеле и на истражувања од областа на биологијата и ласерските технологии.
Мохсен Фахризаде беше убиен на 27 ноември 2020 година во близина на Техеран. Иранските власти го обвинија Израел за неговото убиство, но Израел официјално не ја презеде одговорноста.
Западните земји и Меѓународната агенција за атомска енергија го поврзуваа Фахризаде со истражувања релевантни за развој на нуклеарно оружје, додека Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма има мирољубив карактер.
Изјавата на Хамед доаѓа во период на обновени дискусии во Иран за можни промени во одбранбената и нуклеарната политика.
Сепак, неговото сведоштво не претставува доказ дека Иран поседува атомска бомба. Тој само пренел што, според неговото сеќавање, му кажал татко му, без дополнително да објасни на какви научни способности се однесувал.






