Франција со месеци спроведувала доверлива воена мисија на територијата на Украина, без за тоа јавно да ја информира француската јавност, објави Радио Франс Интернасионал (RFI).
Според истражувањето, француски војници биле распоредени во Украина најмалку од летото 2026 година, каде што учествувале во обука на украинските сили и одржување на воена опрема.
Тајната операција го носи кодното име „Волиа“, што на украински значи „слобода“ и „волја“, а ја предводи француски генерал.
Мисијата се состои од мали тимови кои престојуваат во Украина во кратки временски периоди, извршувајќи специјализирани задачи.
Извор запознаен со операцијата за агенцијата АФП потврдил дека француски воен персонал престојува во Украина, но нагласил дека војниците немаат борбена улога.
„Тоа не е борбена операција и не постои никаква намера француските сили да учествуваат во вооружени дејства“, изјавил изворот.
Според RFI, француските парламентарци не биле информирани за доверливата мисија.
Дополнително, се наведува дека операцијата „Жерфо“, која Франција ја спроведува во Полска од 2023 година, служела како организациска основа за испраќање воен персонал во Украина.
Во рамките на досегашната воена соработка, Франција обучила околу 25.000 украински војници во Франција и Полска.
Откритието доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Русија и западните земји, како и во пресрет на претседателските избори во Франција во 2027 година.
Францускиот претседател Емануел Макрон подолго време се залага за продолжување на поддршката за Украина, додека Москва остро се противи на можноста за распоредување странски мировни сили на украинска територија.
Засега не е објавен точниот број француски војници вклучени во мисијата, ниту деталите за сите нивни активности.






