Три и пол години по трагичниот масакр во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, повторно се отвора прашањето што ќе се случи со Коста К. кога следното лето ќе наполни 18 години.
Нинела Радичевиќ, мајка на убиената Ана Божовиќ, побара конкретни одговори од српските власти за иднината и понатамошното сместување на момчето кое на 3 мај 2023 година уби девет ученици и училишен чувар.
„Тој следното лето полни 18 години. Тоа значи дека повеќе не може да остане на детска психијатрија. Што ќе се случи со него? Дали државата има решение?“, праша Радичевиќ во разговор за агенцијата ФоНет.
Прашањето дополнително се актуализираше по проблемите со објектот на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци во Белград, каде што Коста е сместен по масакрот.
Поради оштетувања на зградата, другите пациенти биле преместени, додека тој останал во установата.
Радичевиќ изрази незадоволство што, според неа, семејствата на жртвите и по повеќе од три години немаат конкретни информации за трајното решение.
„Навистина доаѓам до заклучок дека нашиот случај ‘Рибникар’ повеќе никого не го интересира. Владее целосен молк“, изјави таа.
По нејзините реакции, агенцијата ФоНет побара став и од Студентската листа, од каде што одговорија дека ова прашање ќе го разгледуваат надлежните институции по евентуалното формирање нова влада.
Коста имаше само 13 години кога го изврши масовното убиство. Бидејќи тогаш немал наполнети 14 години, според српскиот закон не можел кривично да одговара.
Неговото претстојно полнолетство повторно отвора сериозни прашања за правниот статус, понатамошното лекување и институционалното сместување.
Засега нема јавно соопштено конкретно решение за тоа каде ќе биде сместен по наполнувањето 18 години.








