Голема трагедија го потресе аргентинскиот фудбал, откако 16-годишниот фудбалер Абел Нуњез почина од последиците на тешка повреда на главата, здобиена за време на фудбалски натпревар.
Според информациите од локалните медиуми, несреќата се случила минатата недела, кога топка со голема сила го погодила младиот фудбалер директно во главата.
Веднаш по ударот, Нуњез се струполил на тревникот и останал неподвижен, по што натпреварот бил прекинат.
Младиот играч итно бил пренесен во болница, каде што лекарите се обидувале да му го спасат животот.
За жал, и покрај напорите на медицинскиот тим, 16-годишниот фудбалер им подлегнал на повредите.
Неговата смрт предизвика голема тага кај семејството, пријателите, соиграчите и целата фудбалска јавност во Аргентина.
Од младиот фудбалер со емотивно соопштение се прости неговиот клуб „Езеиза“.
„Ова е најтешката вест во историјата на нашиот клуб. Со длабока болка и неизмерна тага се простуваме од момче пред кое беше целиот живот и кое зад себе остава празнина што не може да се опише“, соопштија од клубот.
Во пораката се наведува дека Абел бил млад човек исполнет со соништа, надеж и љубов кон фудбалот.
„Сега фудбалот е во втор план. Скршени сме од болка поради загубата на нашиот соиграч, кој беше дел од нашето семејство“, порачаа од клубот.
Раководството на „Езеиза“ упати искрено сочувство до семејството, пријателите и соиграчите на починатиот фудбалер, нагласувајќи дека ќе им ја обезбеди потребната поддршка во овие тешки моменти.
Прераното заминување на Абел Нуњез остави голема празнина во клубот и во аргентинскиот фудбал.








