Нов бран застрашувачки закани предизвика вознемиреност во Италија, откако околу 300 училишта добиле електронски пораки во кои се тврди дека во нивните објекти се поставени експлозивни направи и дека храната во училишните мензи е отруена.
Заканите пристигнале во понеделникот, 16 ноември, само неколку дена откако стотици италијански училишта беа евакуирани поради слични дојави за поставени бомби.
„Ги игнориравте нашите барања, па добив задача да поставам експлозивна направа во вашата установа“, се наведува во една од заканувачките пораки.
Во продолжение, испраќачот тврди дека лице вработено во училишна менза било ангажирано да ја отруе храната со опасни хемиски супстанции.
„Ангажиравме член на персоналот во вашата менза да ја отруе храната“, стои во електронската порака.
Според италијанскиот весник „Кориере дела сера“, пораките биле потпишани со иницијалите М. А., кои се појавувале и во претходните закани.
За разлика од минатата недела, кога голем број училишта беа евакуирани, овојпат наставата продолжила без прекин.
Директорот на училиштето „Аркадија“ во Милано, Џанпаоло Бовио, потврдил дека заканата пристигнала и во нивната установа околу 10:50 часот.
Тој објаснил дека училиштата се повикале на документ од италијанското министерство, според кој ваквите електронски пораки не се оценуваат како веродостојни закани.
„Остануваме смирени и наставата продолжува. Ќе видиме дали ќе бидат побарани дополнителни мерки на претпазливост во училишните мензи“, изјавил Бовио.
Минатата недела слични заканувачки пораки добиле и стотици училишта во Шкотска и Северна Ирска.
Засега нема потврда дека во некое училиште навистина била отруена храната или дека биле поставени експлозивни направи.








